(Видео) Бојан Петковски го сними „Не плети лесо“, филм за стари свадбени обреди во Македонија

Бојан Петковски, етнокорелог, на 24 декември ќе го промовира краткиот филм „Не плети лесо“, реконструкција на свадбен обред од пределот Дурачка Река. Филмот го прикажува обредот на заплетување коса на идната невеста.

Косата претставувала значаен сегмент во минатото, особено во однос на искажувањето на социјалните статуси на луѓето. На денот на свадбата, на девојката која ќе се мажи, од двете страни на патецот на косата ѝ се плетат ситни плетенки. Тие се собираат во задниот дел се заплетуваат во една голема плетенка. На крајот се додава коцељ, односно ситно исплетени мали плетенки.

„Во периодот кога е девојка, косата се заплетува во две плетенки. Со заплетувањето на посебен начин, токму за денот на свадбата јасно може да се увиди дека станува збор за обред на премин, односно, се менува социјалниот статус. Откако девојката ќе се омажи, новиот статус повторно се прикажува преку косата, со потсекување на т.н. скалузи“, рече за „Репортер“ Петковски, кој го напиша сценариото и го режирале краткиот филм.

Филмот е снимен на две локации, селото Дурачка Река и во Музејот на Македонија, а учесници се уметници на Ансамблот Македонија и надворешни соработници. Видеото го реализира Аристон Продукција, а традиционалните носии и реквизитите се дел од приватната колекција на Петковски.

„Создавањето на филмот преставува етапен процес. Основната цел е да се истражи еден сегмент од традицијата и да се реконструира во целост. Реконструкцијата треба да го задржи автентичниот простор на изведбата, учесници, текот на сегментите од традицијата, односно да даде комплетна автентичност на тоа што се случувало“, додава Бојан.

Scroll to Top