Македонскиот музичар Џељо Дестановски, кој свири на кавал и зурли, ја преработи песната „Ој, овчарче“, која пред многу години ја испеа легендарниот Александар Сариевски. Иако во текот на годините оваа песна е преработена неколкупати, сега е првпат во инструментална верзија.
„’Ој, овчарче’ ми остави голем впечаток и кога ја слушнав првпат и ми даде голема инспирација да ја направам во мој стил, во изведба со моите инструменти зурлата и кавалот. Аранжманот го направи Александар Јовевски, а јас немам зборови колку е прецизен и професионален во својата работа и мое мислење е дека поубав аранжман немам слушнато досега“, вели Дестановски.
За песната, Џељо сними и спот во режија на Дарио Јанковиќ.
Инаку, Дестановски веќе го има албумот „10 години Дестанова ризница“, а свири и во групата „Круна“, со која работи на нови проекти.