Ѓорѓи Галетановски – Чомбе по три и пол години поднесе оставка на местото директор на скопската Зоолошка градина. Тој им се заблагодари на сите за поддршката во изминатиот период. Рече дека сега ќе ѝ се врати на улицата, но и понатаму ќе биде достапен во секое време, за да придонесе за подобра иднина на државата и младите.
„Другарки и другари, сакам да ве известам дека денес поднесувам оставка од работното место директор на Зоо Скопје. Во изминатите три и пол години успеавме рекордно да ја зголемиме посетеноста, да ги изработиме сите проекти кои ги ветивме, донесовме многу нови животни за првпат во нашата држава, а децата добија омилено место за секојдневни прошетки“, вели Чомбе.
Сега веќе поранешниот директор кажа и дека Зоолошката градина стана најпосетената институција во државата, а меѓу работите што успеал да ги оствари во времето како директор е и Дино Паркот.
„Ова е најзелениот Дино парк со најмногу диносауруси на Балканот, со преку 400 дрва и садници. Успеавме да средиме делови од градината кои со години не биле санирани, ги исчистивме езерата по 13 години, отворивме Бејби Зоо и направивме живеалишта за фламингата и пингвините по светски стандарди. Зоо Скопје стана прва дигитализирана зоолошка на Балканот, со своја апликација и онлајн продажба на билети“, додава Ѓорѓи.
Во изминатиот период ЗОО Скопје организираше и многу хуманитарни акции, а Ѓорѓи призна дека тоа им била најголемата сатисфакција, да помогнат каде што можат. Не криеше ни дека му е жал што веќе нема секојдневно да се гледа со вработените во Зоолошката.
„Овие луѓе ги сакам како мое семејство и со нивна помош успеавме да дојдеме на чекор до членство во Европска асоцијација на зоолошки и аквариуми. Се надевам дека зоолошката ќе продоложи да се развива и да се прават нови проекти со кои ќе се продолжи успехот на оваа институција. Јас денес се враќам на улица, достапен во секое време да придонесам за подобра иднина на државата и младите“, рече Галетановски.
Ѓорѓи, откако беше поставен на функцијата, па до денес, постојано го привлекува вниманието на јавноста. Од една страна, како урбан скопски лик, кој со години беше менаџер на познатите ноќни клубови во Скопје, од друга како прв човек на Зоолошката, кој за кратко време успеа од неа да направи омилено место на децата и на возрасните.
Тој во интервју за „Репортер“ неодамна раскажа дека животот многу му се сменил откако ноќните клубови ги заменил со дружењето со животните.
„Знам да дојдам тука ноќе сам и да пешачи низ Зоолошката. Тоа ме смирува, тоа е друг свет“, рече во интервјуто и призна и дека и тој и целиот тим емотивно се врзуваат за животните.
На прашањето што ќе прави ако го сменат од функцијата, тогаш рече: „Па, никој не е вечно на функција. Кога не би бил директор на зоолошката, би бил во некоја институција, каде што недостига тим-билдинг и менаџмент. Или би се вратил во приватниот сектор“.
Ме смирува кога ноќе доаѓам сам во Зоолошката, интервју со Ѓорѓи Галетановски-Чомбе