(Видео) Гаро Тавитјан сними песна со добитникот на наградата Греми, Френк Гембел

Македонскиот тапанар Гаро Тавитјан ја сними песната Revitalization со Френк Гембел. Видеото, на кое гостува и постариот брат на Гаро, Диран Тавитјан, го објави светската компанија Зилџан. Ова видео е дел од серијата Artist Spotlight, која Зилџан ја реализира последниве години.

„Ова беше многу долг процес и не го сметам само за мој личен успех. Тоа е тимска работа од многу години со моите најблиски и нивната поддршка беше клучна. Чест ни е што ја ставаме македонската и скопската култура во светската музичка историја“, напиша Гаро на Фејсбук.

Музиката, аранжманот и продукцијата се на Гаро, Френк Гембел свири на гитара, а Диран на пијано соло.

„Ѝ благодарам на нашата сцена и на останатите земји каде настапував долги години и се надоградував, а посебно на американските концертни сали и компании каде влегов во светските Блу ноут, Карнеги хол, Нублу, Вик фирт каде сум заштитно лице, Модерн драмар, Ремо и останати институции. Благодарам и на сите наши феноменални музички колеги и пријатели во Скопје и низ цела држава“, додаде Гаро.

Гаро изминатите години стана заштитно лице на бројни компании кои се важни во светот на тапанарите, а неодамна доби и палици од компанијата „Вик фирт“ со негов потпис.

Scroll to Top