Откако Лидс Јунајтед вчера загуби од Арсенал со 4:1, навивачите на тимот се налутија на газдите и тренерот. Тие ги критикуваа нивните тактики и одлуки, а велат дека една од најголемите грешки е што дозволиле Џани Алиоски да си замине од екипата.
„Алиоски лани одигра 36 натпревари и учествуваше во 18 победи на тимот. Имаше 3 асистенции, а ние завршивме деветти на табелата. Но, некои луѓе велеа дека тој не бил доволно добар за Премиер лигата. Да, сигурно!“, коментираат навивачите.
Дел од фановите направија и споредба каков тимот бил Лидс минатата сезона, а каков е сега без македонскиот репрезентативец.
„Многумина го критикуваа, но Алиоски кога играше на својата природна позиција, никогаш не даде помалку од 100% од своите можности. Колку само недостасува“, вели еден друг фан на Лидс Јунајтед.
Англискиот клуб има само три победи од почетокот на сезоната и се наоѓа во долниот дел на табелата. Екипата има и три последователни порази, кои се многу високи.
За потсетување, Алиоски оваа сезона игра за „Ал Ахли“ во Саудиска Арабија. Тој има неколку асистенции и голови, а гол постигна и во првиот натпревар што го играше за арапскиот клуб.