Новак Ѓоковиќ избран за најдобар спортист на светот

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ е избран за најдобар спортист на светот од страна на престижниот француски весник L’Equipe, пренесува српски „Телеграф“.

Весникот, кој често знаеше да го критикува Новак, па дури и да го исмејува со некои срамни карикатури и текстови, сепак призна кој е најголемиот спортист во светот и му оддаде почит на Ѓоковиќ за она што го постигна во 2021 година.

За потсетување, Ѓоковиќ освои три од четирите Грен слем трофеи во 2021 година, а играше и во финалето на УС Опен каде што ја пропушти шансата да стигне до календарскиот Грен слем и рекордната 21. титула во кариерата. Иако беше неизвесно дали Новак Ѓоковиќ ќе игра за Србија на АТП купот или не, сепак организаторите и официјално ја пренесоа веста дека првиот светски рекет годинава нема да игра во Сиднеј, пренесува Н1.

Што се однесува до женската конкуренција, L’Equipe ја избра спринтерката Елејн Томпсон Ера од Јамајка за најбрза жена во светот. Таа освои три златни медали во дисциплините спринт (100, 200 и 4×100 метри) на Олимписките игри во Токио.

Ѓоковиќ доби убедливо најмногу гласови во изборот за најдобар спортист и освои 745 поени, додека второто место го зазеде Калеб Дресел, кој се истакна на Олимписките игри со пет златни медали и соборен светски рекорд на 100 метри делфин.

Третото место го освои словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар со 347 бодови, кој победи на Тур де Франс. Во топ 10 завршија и Џулијан Алафилип, Карстен Ворхолм, Фасон Фјури, Алексис Пинтурол, Јанис Адетокумбо, Макс Ферстапен и Роберт Левандовски.

Scroll to Top