Олимписко сребро, светски и европски шампиони: македонски спортисти што ја одбележаа 2021

Годината што измина беше во знакот на спортските успеси. Македонските фудбалери првпат играа на Европско, Дејан Георгиевски, по 21 година, освои медал за Македонија на Олимпијадата, а Дејан Недев осми пат стана европски шампион во карате. Ова се некои од најголемите спортски успеси што ги постигнаа македонските спортисти во 2021 година…

Македонија првпат на ЕП во фудбал

Репрезентацијата на Македонија во 2021 првпат играше на ЕП во фудбал. Предводени од селекторот Игор Ангеловски, македонските фудбалери одиграа три натпревари, против Австрија, Украина и Холандија, но загубија трипати. Пред да го играат последниот натпревар на шампионатот, капитенот Горан Пандев најави дека си заминува од репрезентацијата.

Дејан Георгиевски освои сребро на Олимпијадата

Такевондистот Дејан Георгиевски го освои сребрениот медал на Олимпискиот турнир во Токио во категоријата +80. Последен пат Македонија освои медал на Олимпијада пред 21 година кога Мохамед Ибрахимов ѝ донесе бронза во борење на ЛОИ во Сиднеј.

Четири златни медали за Мери Акиевска на светскиот шампионат во бодибилдинг и фитнес

Младата спортистка Мери Акиевска освои четири златни медали на 75. светски шампионат во бодибилдинг и фитнес, кој се одржа во Шпанија. Таа е светска јуниорска и сениорска велнес-шампионка и апсолутна шампионка во јуниорска и во сениорска конкуренција.

Димитар Ѓоргиев четврти пат стана светски шампион во кикбокс

Македонскиот кикбоксер Димитар Ѓоргиев ја освои титулата светски шампион на првенството што се одржа во Италија во дисциплината лоу-кик во категорија до 81 кг. Ова му е четврта титула светски шампион на Ѓоргиев, кој ја освои титулата и во 2011, 2013 и во 2015 година.

 

Каратистот Емил Павлов стана светски вицешампион на првенството во Дубаи

Емил Павов испиша историја во македонското карате кога освои сребрен медал во категоријата до 67 килограми на Светското првенство во Дубаи. Тој во финалето загуби од актуелниот олимписки шампион. Ова е втор медал од светските избори за Македонија по оној на Жарко Арсовски, кој беше бронзен.

Дејан Недев осми пат е европски шампион во карате

Каратистот Дејан Недев осми пат стана европски шампион во кати за сениори на 35. Европски шампионат во традиционално карате што се одржа во Белград. Недев првата титула европски шампион ја освои пред 10 години на првенството во Ерусалим, Израел, во 2011 година.

Стефан Стојановиќ стана јуниорски европски шампион во карате 

Македонскиот каратист Стефан Стојановиќ освои злато на Европското првенство во карате, што се одрѓа во Финска. Стојановиќ во категоријата над 76 килограми за јуниори во финалето беше подобар од Италијанецот Матео Аванзини.

 

Scroll to Top