Филмот „Врба“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски на 22 јануари ќе го отвори 13. Филмски фестивал „Историка“ во Кјото, Јапонија. Манчевски ќе биде дел од отворањето на фестивалот и по проекцијата на филмот ќe учествува во онлајн дискусијата со публиката.
Јапонскиот фестивал „Историка“ е уникатен во светот поради тоа што во фокусот се филмови со историска тематика. Мотото на фестивалот е „Поврзување со иднината преку историски филмови“, a седиштето е во филмските компании „Тоеи“ и „Шошику“, прославени по самурајските филмови. Фестивалот секоја година прикажува нови историски филмови од целиот свет, а како што вели директорот Кен Такахаши, годинава избрал да го отвори со „величествениот филм ‘Врба’“.
Речиси две и пол години по светската премиера во октомври 2019 на Римскиот фестивал, „Врба“ продолжува со интензивно прикажување на фестивалите. Досега освои вкупно тринаесет награди, меѓу кои и за најдобра режија на „Реинденс“ во Лондон, најдобар филм на „Синеквест“ во Калифорнија, „Сребрена палма“ во Валенсија. Минатиот месец „Врба“ освои седум трофеи: три награди и четири почесни признанија. Филмот беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a aктерката Наталија Теодосиева ја доби наградата за најдобра споредна женска улога. Во Атина доби и уште четири почесни признанија – за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката. Теодосиева беше добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба“ на фестивалот на независен филм „Околу глобусот“ во Њујорк.
Манчевски наскоро ќе го промовира и неговиот седми филм „Кајмак“, кој се снимаше лани во Скопје и околината, е во постпродукција. Продуцентската куќа „Банана филм“ го најавува „Кајмак“ како безобразна комедија и безмилосна критика на лицемерството и малограѓанштината, црна комедија или среќна трагедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Главните улоги ги играат Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ.