Џон Малкович го избркаа од хотел во Венеција поради истечен ковид-сертификат

На холивудскиот актер Џон Малкович му бил забранет пристапот во хотел во Венеција, Италија, бидејќи му истекол ковид-сертификатот.

Славниот актер се соочил со непријатната ситуација поради истечената „зелена потврда“,  како доказ за вакцинација против коронавирусот или прележан ковид-19, јавуваат италијанските медиуми.

Италијанските медиуми пишуваат дека на 68-годишниот актер му бил забранет пристапот до собата во познатиот хотел „Даниели“, каде што продукцијата му резервирала луксузен апартман, со поглед на Сан Марко.

Локалните весници објавија дека поради оваа одлука, Малкович морал да помине два дена во Венеција во изнајмен стан, а тоа го потврдила и италијанската новинска агенција АНСА.

Џон Малкович во италијанскиот град ја снима серијата „Риплеј“, а од хотелот не сакале да го коментираат овој настан.

Да потсетиме, во Италија во моментот е на сила закон според кој за пристап до хотелите, баровите и ресторани, како и до јавниот превоз, неопходен е ковид-сертификат кој се добива или по целосна вакцинација или ако лицето преболело коронавирус во претходните шест месеци.

Scroll to Top