По двегодишна пауза ќе се одржи прилепскиот карневал „Прочка“

На Велики поклади, Прочка, на 6 март, по двегодишна пауза, повторно ќе продефилираат карневалските маски на чело со мечкарите. Според условите, карневалот, кој е јубилеен, по 20-ти пат, ќе се одржи само со учесници од Македонија.

„Имавме пауза од две години. Традицијата за ‘преправање’, маскирање, на Прочка е перманентна. Ако и годинава не го организиравме карневалот, полека-полека ќе згаснат традициите за изработката на маски. Ние ќе се потрудиме да се одржи. Секако, не во толкав обем каков што беше, затоа што тешко е да има гости од странство. Оваа година ќе биде, претежно, републички. Ќе имаме гости од земјава и наши, традиционални маски“, вели Ванчо Георгиев, претседател на меѓународниот карневал „Прочка“ за МИА.

Тој додава дека бројот на мечкари годинава е зголемен.

„Ќе има поголем број мечкари, бидејќи ние успеавме годинава и лани да купиме дел од опремата. Без разлика на сѐ, тие работат. Лани ги одржаа традициите со посетата на касапските куќи. Годинава ќе настапат според програмата. Мечкарите, традиционално, го отворат прилепскиот карневал. Има најави дека и младите ќе изработат маски. На карневалот сакаме да имаме и ВИП-гости, ќе ги очекуваме, барем по два-тројца претставници. И таму, во соседните земји, ни велат, имаат проблем со потврдите за преминувањето на границите, ама ќе се надеваме“, вели Георгиев.

Тони Павлевски, потпретседател на „Прилепските мечкари“, изјави дека прилепските мечкари веќе започнале со подготовки.

Scroll to Top