Руската лизгачка Камила Валиева позитивна на допинг-тест откако испиша историја со четворократен скок на Олимпијадата

Откако руската лизгачка Камила Валиева (15) пред неколку дена влезе во историјата како прва што изведе четворократен скок на Олимписките игри, сега организаторите велат дека била позитивна на супстанца забранета со светскиот антидопинг-кодекс, но која исто така можела да се земе со лекарски рецепт. Поради скандалот сè уште не се доделени медалите во групно уметничко лизгање и се чека решение на случајот.

Според руската веб-страница RbcSport.ru, Валиева била позитивна на триметазидин, метаболички агенс кој помага да се спречат напади на ангина и се лекува вртоглавица. Триметазидин е забранета супстанција од 2015 година, беше класифициран како кардиометаболичен модулатор во 2021 година и се смета за лек на исто ниво со „Мелдониум“, кој веќе широко се користи во спортот, а е забранет пред шест години.

„Тоа е како мелдониум: ги штити срцето и мозокот за време на напорни вежби“, објаснува спортскиот доктор Никита Карлицки.

Според светските медиуми, овој скандал најверојатно ќе продолжи да се истражува и понатаму, и тоа може да доведе и до исфрлање на Валиева од индивидуалните олимписки натпреварувања. Постапката е одложена затоа што Валиева, која сè уште нема наполнето 16 години, не може официјално да биде обвинета (а со тоа и санкционирана) дека ги прекршила правилата за антидопинг.

За сега за оваа афера нема повратна информација од одговорните на руската екипа на олимпијадата.

Според првичните информации, лекот ѝ бил даден од медицински причини, бидејќи триметазидин имал цел да лекува ангина и болка во градите предизвикана од намаленото снабдување со крв во срцето.

Според рускиот весник RBC Sport, кој цитира некои извори, „пронајдената супстанца е најдена во минимални количини“, додавајќи дека позитивноста датира од декември.

Случајот треба да се реши денеска, а вклучени се и адвокатите на Меѓународниот олимписки комитет кои треба да ја оценат ситуацијата. Се претпоставува дека санкциите нема да бидат големи бидејќи Камила е малолетна. Сепак, тоа го доведува во прашање олимпиското злато и нејзиното учество во поединечна конкуренција каде е најголем фаворит за освојување на титулата.

Во меѓувреме, денеска Валиева 40 минути тренирала на мразот на Капитал стадионот, изведувајќи и неколку четвороскокови, а се појавила во релаксирано издание.

Камила е по потекло од Казан и од мала живее во Москва, а во 2018 година ја смени школата за лизгање за да се потпре на учењето на Етери Тутбериџе, тренер на големите руски шампиони во последната деценија.

(Видео) 15-годишна Русинка стана првата лизгачка која изведе четворократен скок на Олимписките игри

Scroll to Top