„Гази ме ту пред свима“: Ужасни песни во кои насилството се прикажува како љубов

Студентката Ана Нинковиќ од Србија објави видео на „Јутјуб“, кое е дел од нејзиниот испитен труд кај проф. Александар Јанковиќ на Факултетот за драмски уметности во Белград.

Во него таа направи преглед на домашните и регионалните (ексју) песни, каде што доминираат мотиви на женското понижување како ултимативен доказ на љубовта кон партнерот. Всушност, таа се посвети на машкото насилство над жените во семејно-партнерските односи.

„Во користените песни насилството се релативизира, романтизира, а често и се промовира“, вели Ана во описот на своето видео, кое многу бргу предизвика лавина реакции на Балканот, меѓу кои и Македонија.

Ана во својот труд вели дека песните ги собрала со помош на членовите на групата на „Фејсбук“ – Women’s Affairs, каде што собрала над 100 предлози. Но, во третата и последна фаза изборот го намалила на 36 песни.

Ана додава дека видеото е поделено на две преспективи, женска и машка. Оттаму произлегол заклучокот дека во т.н. женски песни доминира мотивот на безусловна љубов кон партнерот, дури и по цена на страдање, понижување, злоупотреба и насилство, како, на пример, „пред вратима спавала ко пас“ или „само гази, гази ме ту пред свима, јер где има крви, ту и љубави има“. Повеќето припаѓаат на жанрот турбофолк, а единствениот друг застапен жанр е попот. 

А кај т.н. машки песни доминира превоспитувањето на непослушната жена со физичка сила, сексуално насилство, кое е причина за неприфаќање, отфрлање и за одмазда со физичко малтретирање на неверната жена, како, на пример, „њени модри хематоми мојој психи годе“. Ги има во повеќе жанрови: (хард) рок, поп, рап, кантри, фолк-рок и само една песна е од жанрот на турбо-фолк-музиката. Кај овие песни доминираат весели музички подлоги, кои тераат на танц.

„Најстарата користена песна е објавена во 1981 година, а најновата во 2020 година, што значи да таков наратив доминира речиси четириесет години во домашната популарна музика, без разлика на жанрот и културното милје на кое им се обраќа одреден изведувач“, вели Ана во својот труд.

На социјалните мрежи вријат негативни коментари за музиката. Некои се згрозени од она што го слуша младината, а други велат дека, конечно, некој се осмелил јавно да обелодени каква порака испраќаат овие песни. Но, има и такви што велат дека некои од нив се извлечени од контекст, односно дека нивната содржина е сатирична и нема намера да предизвикува насилство врз жените.

 

Scroll to Top