(Видео) Мајка од Украина е повторно со своите деца, откако таткото молел непозната жена да ги пренесе преку граница

Ана Семјук (33) од Камианец-Подилски во западна Украина по два дена ги прегрна своите деца, откако нејзиниот сопруг побарал од непозната жена да ги пренесе преку граница и да ги чува безбедни додека бегале од руските напади.

Таткото не можел да ја напушти Украина со нив бидејќи државата им забрани на мажите од 18 до 60 години да си заминат, во случај да треба да се мобилизираат и да ја бранат земјата од руските напади. Мајката, пак, била на службено патување во Италија кога Украина прогласи воена состојба и не можела да се врати дома по своите деца, пишува „Дејли меил“.

Чекајќи на граничниот премин на украинската страна, сопругот на Ана ја застанал Наталија Аблеева (58) и ја молел да ги пренесе децата преку украинско-унгарската граница.

„Таткото едноставно ми ги предаде двете деца и ми веруваше, ми ги даде нивните пасоши за да ги донесам од другата страна на границата каде што ги чекаше нивната мајка“, рекла Наталија за медиумите.

Таа ги фатила двете мали деца за рака, ги однела во автомобилот и заедно ја минале границата и влегле во Унгарија. На унгарската страна кај Берегсурани, тие чекале, седејќи на клупа во близина на шаторот поставен за проток на бегалци. Наталија вели дека момчето плачело кога му заѕвонил мобилниот телефон. Му се јавила неговата мајка, која била речиси на граничниот пункт.

Кога пристигнала Ана, го прегрнала синот и отишла кај ќерка си, која лежела исцрпена во задниот дел од автомобилот завиткана во ќебе. Откако Ана ѝ се заблагодарила на Наталија, двете непознати жени се прегрнале и почнале да плачат.

„Сè што можам да им кажам на моите деца сега е дека сè ќе биде во ред и дека за една или две недели и ќе си одиме дома“, рекла Ана за „Дејли меил“.

Фото: Ројтерс

Scroll to Top