Светската теквондо федерација одлучи да му го одзеде почесниот црн појас на рускиот претседател Владимир Путин поради нападот на неговата земја врз Украина.
Повикувајќи се на своето мото „Мирот е подрагоцен од победата“, таа ја осуди руската воена акција во Украина, велејќи дека „бруталните напади на невини животи ги прекршуваат вредностите на почит и толеранција што ги негува овој спорт“, пренесува Ројтерс.
„Поради тоа, одлучивме да го повлечеме почесниот црн појас деветти дан, што му беше доделен на Владимир Путин во ноември 2013“, се вели во соопштението на Федерацијата.
За потсетување, пред два дена Меѓународната џудо федерација соопшти дека го суспендирала статусот на Путин како нејзин почесен претседател и амбасадор.