„Парацетамолот“ е еден од најчесто користените лекови без рецепт. Но, во него демне опасност, предупредуваат лекарите, особено ако се пие во форма на шумлива таблета. Според британските лекари, тој содржи загрижувачки високо ниво на сол, што може да биде опасно за луѓето со срцеви проблеми. Со ова тврдење се согласува и српскиот неврохирург, професорката д-р Даница Грујичиќ.
„Најопасни се шумливите таблети, кои се на самото дно од скалата и имаат најмногу хемија во себе. Витамините растворливи во масти се задржуваат во телото и може да предизвикаат бигор“, предупредува таа.
Таа нагласува дека не треба да се верува во делотворноста на овие т.н. шеќерни води, кои ги има на полиците во речиси сите аптеки. Според неа, суплементите стануваат сè попопуларни бидејќи луѓето се плашат од болести, а многу мал број пациенти, всушност, купуваат скапи цитостатици и лекови, па фармацевтите само заработуваат од овие додатоци во исхраната.
„Единствено што знаеме за суплементите е тоа дека не се токсични, но никој никогаш не ја тестирал нивната ефикасност. За нешто да се нарече лек и да се најде во аптека, тој производ мора да биде темелно тестиран и математички да се докажани неговите својства. Доказ за тоа е што при секоја реклама на телевизија се вели дека треба да се консултира лекар пред употреба. Токму тоа е оградата од некои несакани ефекти“, објаснува таа.
Д-р Грујичиќ вели дека треба да се направат опсежни анализи и истражувања на голем број луѓе. Па доколку се покаже дека навистина суплементот помогнал или ја подобрил здравствената слика на мнозинството, дури тогаш да се продава и рекламира.
Натриумот, кој се наоѓа дури и во пакуваната вода, може да биде опасен за лицата со висок крвен притисок, а дополнителен проблем е тоа што некои од нив не ни знаат дека ја имаат оваа состојба бидејќи симптомите на високиот крвен притисок понекогаш се кријат.
Солта се додава во шумливиот „парацетамол“ за да се стимулира процесот на растворање на таблетата во водата, но внесувањето таков лек го зголемува ризикот од компликации. Студија во Британија покажа дека луѓето што пијат шумлив „парацетамол“ имаат 22 отсто поголем ризик од срцев и мозочен удар, како и срцева слабост во следната година. Покрај тоа, ризикот од срцеви проблеми е зголемен 19 %,дури и кај луѓето што немаат кардиоваскуларни заболувања.
„Широката употреба на шумливи таблети кај општата популација нè натера да го истражиме ефектот на додаден натриум во таквите лекови. Многу пациенти не ни знаат дека ‘парацетамолот’ содржи сол во оваа форма, а повеќето од нив, до 94 проценти, го купуваат и го пијат сами“, вели професорот Брус Нил од Кралскиот колеџ во Лондон.