Откако дознав дека Дејан се бори со аутизам не размислував ни миг дали да пејам: Жељко Самарџиќ пред концерт во Прилеп

 

Српскиот пејач Жељко Самарџиќ на 19 март ќе одржи хуманитарен концерт во Прилеп, а собраните средства ќе одат за лекување на Дејан Најдоски, кој се бори со аутизам и церебрална дисфункција. Дејан досега имаше неколку третмани со матични клетки во болница во Турција, но на семејството му требаат уште пари за да го заврши лекувањето. За да собере пари за лекување ќе му помогне и Жељко, кој во разговор за „Репортер“ вели дека за болеста на Дејан дознал преку Инстаграм, а сега со нетрпение чека да се дружи со момчето и да пее пред македонската публика.

„Секој ден сум на социјалните мрежи, па така дознав за Дејан кој се бори со аутизам и церебрална дисфункција. Со оглед на тоа каква е болеста, не е случајно што тој е опседнат со цртани филмови и музика. Брзо откако дознав за болеста на Дејан, ме контактираше Кристијан Стефановски од ‘План Б’, продукција со која соработувам со години. Ми се јави на барање на родителите на Дејан, кои дошле на идеја да одржам хуманитарен концерт во Прилеп и да му помогнеме на момчето“, ни кажа Жељко.

Пејачот, кој низ годините ги испеа хитовите „Грлица“, „Ја те волим више“, „Покажи ми шта знаш“, „Безобразно зелене“ и други, ни кажа дека веднаш ја прифатил поканата за концертот.

„За да успее една ваква хуманитарна акција, мора да постои многу сериозна организација и дури тогаш можеме да сметаме дека ќе се постигне вистинскиот ефект и ќе дојдеме до конечниот успех. Не е лесно да се организира хуманитарен концерт, а за да се соберат големи средства зад ваков проект мора да застане голем тим на луѓе кои сериозно се занимаваат со оваа работа“, рече тој за „Репортер“.

Жељко вели дека не е првпат да му предложат тој да организира хуманитарен концерт. Додава и дека често добива покани да пее на хуманитарни концерти како гостин.

„За жал, живееме во такви времиња кога има многу вакви барања, но и покрај добрата волја, невозможно е да се одговори на секоја покана. Овој пат се надевам дека ќе имам можност лично да се запознаам со Дејан и малку да се дружам со него. Се надевам и дека мојот концерт во Прилеп ќе наиде на голем одзив кај публиката, а со тоа ќе се соберат доволно средства. Ако успееме, тоа ќе ме направи среќен човек“, додаде познатиот пејач.

Освен Жељко, на концертот што ќе се одржи во Универзалната сала во Прилеп ќе пеат и Јоце Панов и Филип Николовски, а билетите по цена од 300 денари се веќе во продажба.

Андријана Јовановска

Scroll to Top