Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони на 85 години се венча со својата 53 години помлада девојка Марта Фасцина (32), членка на неговата партија Форца Италија, пишува „Дејли мејл“. Раскошната прослава се одржа на историскиот имот „Вила Гернето“ во градот Лесмо, северно од Милано.
Церемонијата била многу слична на свадба, па невестата носела бел фустан, а младоженецот класичен костум. Но, парот не се венчал официјално поради кавгата за наследството меѓу семејствата. Се верува дека петте деца на Берлускони се огорчени од намерата на татко им да се ожени со Марта, што ќе ѝ донесе право на богатството од повеќе од 5 милијарди фунти. Поради ова, тие размениле завети и се заколнале на вечна љубов, но не потпишале документ пред матичар ниту, пак, ги венчал свештеник. Сепак, Берлускони по церемонијата изјавил дека тој и Марта се во брак.
Берлускони почна романса со Фасцина по раскинувањето на врската со Франческо Паскале (34) во 2020 година. Фасцина дипломирала калабриска книжевност и има повеќе од 16.000 следбеници на „Инстаграм“, каде што најчесто објавува политички содржини.
Претходно, поранешниот премиер крена прашина со неколку секс-скандали со проститутки, а сѐ уште му се суди за поткуп на сведоци во случајот со малолетничка проституција.