Поп-ѕвездата Калиопи гостуваше во утринската емисија на српската телевизија „Нова“. Преку видеолинк од Скопје таа зборуваше за тоа како станала хит на „Тик-ток“, за балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ за која ја направи музиката, но и за Евросонг. Водителот ја потсети на нејзиниот настап во Баку пред десет години и песната „Црно и бело“, која и денес е вистински хит во регионот.
„Тоа беше едно прекрасно време во Баку. Потоа и во 2016 година пак пеев на Евровизија, ама таа веќе беше многу политизирана“, рече Калиопи во интервјуто.
Пејачката кажа и што мисли за годинешните претставници на Евросонг од регионот.
„Сакам да им посакам среќа на сите учесници од регионот и да уживаат во своите три минути на сцената. Со изборот на Констракта, Србија покажа дека е будна. Таа е музичар што е надвор од евровизиските рамки, ќе привлече големо внимание“, изјави Калиопи.