ФОТО+ВИДЕО | Петар Грашо за Хана и децата: Нов дует засега нема, а тие сами ќе ја изберат својата иднина

Петар Грашо откри дека тој и сопругата Хана Хуљиќ Грашо засега не планираат нова заедничка песна. Иако музиката е важен дел од нивниот живот, двајцата развиваат различни уметнички правци и меѓусебно се поддржуваат во работата.

Во разговор за „Хајп ТВ“, пејачот се осврна на нивниот однос, можноста за нов дует и вредностите што сака да им ги пренесе на своите деца.

„Хана и јас го снимивме нашиот дует пред десетина години и, што се однесува до дуетите, засега тоа е тоа“, изјави Грашо.

Нивната заедничка песна „Srce za vodiča“ беше објавена во 2016 година. Музиката ја напиша Тончи Хуљиќ, таткото на Хана, а текстот е дело на нејзината мајка Вјекослава Хуљиќ.

Хана неодамна ја претстави песната „Board Game“, продолжувајќи да го гради сопствениот авторски израз. Грашо нагласи дека различните музички интереси им оставаат простор да се надополнуваат.

„Таа има свој прекрасен уметнички израз со кој се занимава, јас имам свој вид музика, но заедно функционираме совршено, се надополнуваме и со љубопитност слушаме што работи другиот“, објасни пејачот.

Посебно емотивно зборуваше за четиригодишната ќерка Алба и синот Тони, кој кон крајот на октомври ќе наполни две години. Иако растат во музичко семејство, Грашо не сака однапред да им го одредува професионалниот пат.

„Тие се уште многу мали и сето тоа е една прекрасна игра. Треба да ги оставиме децата да бидат деца“, порача тој.

За него е поважно какви луѓе ќе станат, отколку со што ќе се занимаваат. Сака да научат да ги ценат трудот, чесноста и личните квалитети, наместо изгледот, материјалните работи или славата на родителите.

„Максимално ќе се трудам да бидат чесни, нормални луѓе. Да не ги мерат вредностите според тоа кој што носи и кои им се мајка и татко, туку кој е способен да се избори за својот живот и кој е добар човек. А дали еден ден ќе бидат вулканизери или пејачи, нека изберат сами“, рече Грашо.

Додаде дека нема да им забранува да тргнат по неговите стапки. Доколку ја изберат музиката, ќе се обиде да им објасни колку работа и одрекувања бара успешната кариера.

Scroll to Top