Глумецот Жерард Депардје ги осуди постапките на рускиот претседател Владимир Путин и наредбите за напад врз Украина нарекувајќи ги луди и неприфатливи и дека зад нив не стои рускиот народ.
„Рускиот народ не е одговорен за лудите, неприфатливи испади на својот лидер Владимир Путин“, рече Депардје, кој е познат како човек кој во минатото често го фалеше рускиот лидер.
Иако беше познат како негов близок пријател, Депардје ја осуди војната во Украина и повика на преговори само неколку дена откако почна руската инвазија.
„Русија и Украина отсекогаш биле братски земји“, рече тој тогаш за агенцијата „АФП“ и повика да се остави оружјето и да се почнат преговори за мир. Во четвртокот рече дека целиот приход од три концерти кои ги направил во Париз ќе им го даде на жртвите од трагичната војна.
За потсетување глумецот во 2013 година во знак на протест против зголемените даноци во Франција, ја напушти неговата земја и зема руско државјанство. Тој често ја фалеше Русија нарекувајќи ја голема демократија, а Путин го споредуваше со покојниот Папа Иван Павле Втори.
Во меѓувреме во 2018 година беше обвинет за силување на млада француска глумица во неговиот дом во Париз.