Поранешната голманка на САД, Хоуп Соло, била уапсена по обвинувањата дека злоставувала деца. Полицијата рече дека била приведена во Северна Каролина додека во возилото била со нејзините две деца. Возела со неприлагодена брзина и давала отпор за време на апсењето
Поранешната светска шампионка и двојна олимписка победничка, по апсењето била сослушана и пуштена од притвор од центарот Форсајт, а поради кривичното гонење кое ѝ претстои, надлежните не сакаат да објават други информации.
„По совет од адвокат, Хоуп не може да зборува за случајот. Но, сака сите да знаете дека децата се нејзиниот живот и дека веднаш била пуштена на слобода. Во моментов таа е со семејството во својот дом и ќе продолжи да се брани од обвинувањата“, рече нејзиниот адвокат Рик Николс.
Сепак ова не е првпат против неа да се покрене кривична постапка. Во 2018 година наводно нападнала некои од нејзините роднини, но тогаш судот пресудил во нејзина корист и реч дека не е виновна.
Во интервју за ESPN призна дека како млада ја тепала мајка ѝ, која била алкохоличарка. Во 2017 година, пред да се доделат ФИФА признанијата за најдобри фудбалери и фудбалерки, Соло тврдела дека била нападната од тогашниот претседател Сеп Блатер.
„Ме фати за задникот“, рече тогаш Соло за португалските медиуми.
„Бев нервозна пред да излезам на бината, каде трбаше да ја примам наградата. Потоа никогаш повеќе не го сретнав и жал ми е за тоа. Сигурно ќе му кажев повеќе да не ме допира. Јас така ги решавам работите“, рече Соло.
За потсетување, Соло важеше за најдобар голман во светот во женскиот фудбал. Двапати ја освои златната ракавица на Мундијалите.