Руската инвазија врз Украина и спомнувањето нуклеарно оружје од страна на некои експерти кај многумина предизвика страв од избувнување трета светска војна.
Ваквото сценарио беше избегнато неколкупати за време на Студената војна и сите се надеваат дека така ќе остане и во иднина. Но, тоа не е нешто во што можеме да бидеме апсолутно сигурни, велат експертите.
Има премногу полиња на интерес и се појавија голем број не многу стабилни ликови, кои веќе имаат или, пак, може набргу да имаат оружје за масовно уништување.
За повеќето експерти што се занимаваат со историјата на конфликтите, најверојатните кандидати за почеток на третата светска војна се двата блока.
Од една страна, САД, ЕУ и НАТО, а од друга, Русија и потенцијално Северна Кореја и Кина.
Во принцип, поради деструктивните ефекти од нуклеарното оружје и зрачењето што потоа следува, повеќето од овие земји, иако имаат огромни територии, сепак може да бидат отпишани уште на самиот почеток на војната.
На повеќето списоци, вклучувајќи го и оној на британски „Експрес“, во случај на избувнување трета светска војна Нов Зеланд е на прво место во врска со безбедноста.
Локацијата е идеална и е оддалечена од повеќето места на кои би експлодирале нуклеарките. Државата самата по себе е доволно безбедна и е многу популарна, особено кај милијардерите, кои во последно време таму купуваат недвижности.
Во зависност од медиумите и соговорниците, на листата со најбезбедни земји во светот во случај на нов голем конфликт се вбројуваат и Данска, Чиле, Австралија, Бутан, Фиџи, Исланд, Швајцарија, Канада и неколку островски држави во Океанија.
Данска е тука затоа што му припаѓа на Гренланд, кој заедно со Антарктикот е меѓу најмалку населените делови на планетата. Иако студот е проблем, како и потенцијалното освојување на крајбрежните делови на островот, експертите се согласуваат дека северниот брег и внатрешноста се безбедни за живеење. Експертите се согласни и за Исланд.
Швајцарија е земја околу која се кршат копјата. Нејзината историја на неутралност, богатство и многубројни бункери се главните адути на приврзаниците, кои ја сметаат оваа земја за безбедна зона. Но, има и такви што предупредуваат дека во случај на нуклеарна војна, без разлика каде таа ќе се води, на крајот, катастрофата ќе ја стигне и оваа богата земја.
Меѓу поголемите проблеми што би можеле да ја зафатат Швајцарија е снабдувањето со храна.
Да се преселиме малку од Европа во Азија. Малиот Бутан не е заинтересиран за премногу дипломатски односи со остатокот од светот и е земја што секогаш е на врвот на листата на најсреќните земји. Токму затоа за некои е идеалното решение во случај на трета светска војна.
Иако е блиску до големите сили, како што се Индија и Кина, сепак оваа мала земја не е зависна од нив, а жителите донекаде и се навикнати на изолација.
Истото важи и за Канада и Австралија. Иако се на 2. и 6. место по големина со своите територии, тие се само 39-ти и 55-ти по бројот на жители. Експертите што го разгледаа потенцијалот за преживување од третата светска војна тврдат дека внатрешноста на овие земји, само поради големината на територијата, би можела да обезбеди безбедно засолниште. За Канада е проблем само тоа што огромното мнозинство од нејзиното население живее по должината на границата со САД, каде што се сите нивни поголеми градови.
Чиле како адут ги има Андите, кои може да претставуваат некаква заштита. Оваа земја изобилува и со храна и вода, а југот на земјата би обезбедил безбедно засолниште за своите жители.
Фиџи, Тувалу и Науру се исто така земји што би биле погодни за престој за време на нуклеарна војна. Овие островски оази се далеку од местата каде што би се одвивала војната. Не може да се пофалат со минерали или ресурси кои се интересни за големите сили, па ако не ви пречат жешкото време и рибите, тогаш една од овие три земји е идеална за вас.
Сега кога ја поминавме листата на безбедни, да видиме кои се небезбедни земји. Најлошите земји во кои можете да бидете во случај на нов светски конфликт се Северна Кореја, Авганистан, Хаити, Ирак, Сирија, Јужен Судан и Јемен.
Веројатно ви е повеќе од јасно зошто е тоа така. Повеќето од овие земји или штотуку излегле од внатрешни конфликти или тие сè уште траат. Сите се меѓу најнесигурните и најсиромашни земји во светот, а во нив цвета и корупцијата.
Граѓаните се оставени сами на себе. И без трета светска војна, жителите денес во нив немаат доволно храна, вода и лекови и тешко е да се замисли дека ситуацијата наеднаш ќе се подобри.
Што се однесува до земјите на Балканот, оваа област се наоѓа некаде на средината на листата на земји според безбедност. Тоа што се наоѓа меѓу двете главни сили САД и Русија, не е најидеално, а тоа го покажуваат големите човечки загуби што се случиле по двете сетски војни.
Сепак, и покрај големиот број проблеми, Балканот сè уште се смета за подобро место од повеќето африкански и азиски земји во однос на животниот стандард и може да се каже дека е подобро место за криење во случај на трета светска војна.