Вилијам и Кејт први го гледаа „Топ ган“: Том Круз организира проекција за кралското семејство

Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон први го гледаа филмот „Топ ган: Маверик“ откако Том Круз организира специјална проекција за кралското семејство. Холивудскиот глумец неодамна дознал дека принцот Вилијам е голем обожавател на оригиналниот филм од 1986 година, па договорил членовите на кралското семејство и нивните пријатели први да го гледаат филмот еден месец пред официјалната премиера што е закажана за Филмскиот фестивал во Кан.

Том ги пречекал и ги поздравил членовите на кралското семејство, а проекцијата се одржала во киното на Лестер Сквер. Освен Вилијам и Кејт, филмот го гледале Софи Весекс, принцезата Јуџин и мал круг нивни пријатели.

„Беше тоа многу необична премиера, но Том не размислуваше дали да ја организира откога дозна дека принцот Вилијам е голем обожавател на филмот“, открил пријател на кралската двојка за „Сан“ и додал дека киното било затворено за другите посетители за да им се обезбеди приватност.

Продолжението на „Топ ган“ се снимаше од 2018 до 2019 година. Иако премиерата беше закажана за крајот на 2019 година, таа беше одложена поради снимањето на сцената во авионот, која беше многу напорна, а потоа датумот дополнително беше поместен поради пандемијата на коронавирусот.

Scroll to Top