Секој ден пиев по чаша масло, Марк Волберг раскажа како се здебелил за улогата во „Отец Сту“

Марк Волберг, кој е познат по строгиот режим на живеење и исхрана, за како што вели да ја задржи одличната форма и кондиција, сега откри колку му било тешко да се здебели за улогата во филмот „Отец Сту“. Рече дека морал да пие по една чаша масло дневно за да ја добие потребната тежина.

„Морав да престанам да тренирам и да јадам и тоа многу. Говедски стекови, печени компири, десетина јајца секое утро, десетина парчиња сланина, две чинии бел ориз, чаша маслиново масло“, рече Волберг за АФП.

„Многу протеинска храна првите две недели; вторите две недели многу скроб. А потоа последните две недели многу сол за да го добијам оној надуен ефект, што воопшто не е забавно“, рече тој.

Волберг во филмот го глумеше Стјуарт Лонг, боксер аматер, кој по повредата се повлекува и се преселува во Холивуд за да стане актер. Работи во супермаркет каде ја запознава Кармен, која ја игра Тереза Руиз. Тој има намера да го освои нејзиното срце со тоа што оди во нејзината црква.

На крајот се одлучува да стане свештеник и покрај скептицизмот на неговите родители, кои ги играат Џеки Вивер и Мел Гибсон. Исто така мора да се соочи со својот најголем предизвик: дијагноза на дегенеративна болест која ќе му го одземе сопственото тело.

За Волберг, кој е и продуцент на филмот, приказната за „Отец Сту“ претставува отстапување од она што досега тој го снимал во акционите филмови.

„Тоа е една необична улога, но во исто време е и прилично очигледен избор ако ме познавате мене и моето лично патување и она што сакам да го направам во поодминати години, а тоа е да најдам некои работи што имаат малку повеќе значење и цел“, рече Волберг за АФП.

Покрај религиозната тема, Волберг рече дека филмот се занимава и со семејната и човечка добрина. За потсетување „Отец Сту“ ќе почне да се прикажува во САД во пресрет на велигденскиот викенд.

 

Scroll to Top