Рускиот воен брод „Москва“ потона откако вчера беше тешко оштетен во експлозија. На бродот имало посада од 510 луѓе, кои биле навреме евакуирани. Иако руските власти велат дека бродот потонал поради пожар кој предизвикал детонација на муницијата, украинската војска тврди дека го погодила бродот со два проектила „нептун“. „Москва“ беше симбол на воената моќ на Русија и заштитен знак на нејзината црноморска флота, долг речиси 200 мерти и тежок 12.490 тони, а беше дел од руската морнарица од 1983 година.
И покрај оштетувањата, руското министерство за одбрана прво кажа дека бродот е во пловечка состојба, но подоцна потонал во немирното море додека го одвлекувале назад во пристаниште.
„Додека беше одвлекуван во предвиденото пристаниште, бродот ја изгуби својата рамнотежа поради претрпените оштетувања во трупот како резултат на пожарот и детонацијата на муницијата. Имајќи предвид дека и морето беше немирно, бродот потона“, соопшти руското министерството за одбрана.
Киев, пак, кажа дека бродот бил погоден со проектили „нептун“, оружје од украинско производство развиено по руската анексија на Крим во 2014 година. Ако украинскиот напад биде потврден, „Москва“ ќе биде најголемиот воен брод потопен од непријателот по Втората светска војна.
„Москва“ е вториот воен брод што Русија го изгуби од почетокот на инвазијата, покрај „Орск“, кој беше уништен во пристаништето во Бородјанка.