Првата аудиција на Сузан Бојл во шоуто „Британија има талент“ е прогласена за најзначаен момент во историјата на натпреварувањето. Овој настап освои 71 отсто од гласовите во јавноста.
Шкотската пејачка ги изненади судиите и публиката со својот моќен глас во живо кога ја изведе песната I Dreamed а Dream од филмот Les Miserables.
По настапот, Пирс Морган, член на жирито, изјави: „Без сомнеж тоа беше најголемото изненадување кое го имав во 3 години од овој натпревар. Беше запрепастувачки неверојатен перформанс. Уште се тресам од шок“.
Аудицијата на Бојл брзо стана популарна ширум светот, а таа стигна до финалето и заврши на второто место по танцувачката група „Диверсити“.
Нејзиниот деби албум I Dreamed а Dream стана најпродаваниот дебитантски албум во Велика Британија на сите времиња и постави рекорд во продажбата во првата недела, според Official Chart Company.
Сузан стана една од најуспешните натпреварувачки на шоуто „Британија има талент“ на сите времиња, со продадени над 19 милиони албуми ширум светот.