УЕФА ги исфрли сите руски клубови од натпреварувањата

УЕФА ги суспендираше и ги исфрли руските клубови од сите фудбалски натпреварувања. Казната меѓу останатото се однесува и на клубовите кои требаше наредната сезона да учествуваат во Лига шампиони, Лига Европа и Конференциската лига.

Тоа доведе до одредени поместувања на листата на учесници, а најмногу се израдуваа Србите. Сега наместо три претставници во квалификациите за Конференциската лига, победникот во Купот на Србија ќе игра во Лига Европа. Русите на ова не гледаат како лоша вест.

Напротив, новинарот Дмитри Зимин од познатиот руски портал „Чемпионат“, објави текст во кој објасни дека нема причина за очај во нивната земја.

„Фала ти УЕФА. Суспензијата на Русија на само година дена дефинитивно не е катастрофа“, напиша Дмитри.

Тој потсети дека нема никаква потреба за хистерија и паника. Сите се уплашија во Русија дека нивниот фубал ќе умре, дека странските фудбалери ќе си заминат и дека е итно потребно да се зголеми лигата и да се префрлат натпреварувањата во Азија.

„Дали е некој изненаден што УЕФА ја исфрли Русија на година дена? Тешко. Сето тоа водеше кон ова. Можеа тоа да го направат уште во февруари, но чекаа нешто да се промени. Сега немаа друга опција. Сепак одлуката која ја соопштија има формулација која со грешка ја игнорираа. Русија е исфрлена од сите светски натпреварувања за наредната сезона, но не се споменува ЕВРО 2024 година. Така што УЕФА сега се надева дека нашата репрезентација ќе се најде на ждрепката во октомври“, пренесе „Чемпионат“.

Во текстот е наведено дека внимавале на клубовите од Русија кои нема да останат без бодови, а важно е и тоа што УЕФА и ФИФА не го суспендираа Рускиот фудбалски сојуз. Тие беа погодени од одредени мерки кои изгледаа груби, но всушност не беа толку погубни за нив.

„УЕФА даде јасни сигнали до Рускиот фудбалскиот сојуз да се почека до крајот на сезоната и ако дојде до мир меѓу Русија и Украина, клубовите веднаш ќе бидат вратени назад. Ако ситуацијата се нормализира во наредниот период, Русија ќе може да игра и во квалификациите за Европското првенство 2024. Теоретски, враќањето на нашата репрезентација под УЕФА би можело да почне со тоа. Сè е јасно, но многумина се незадоволни и тоа не е за изненадување. Преминот во Азија нема ништо добро да ни донесе“, пренесе рускиот сајт.

 

Scroll to Top