Кинескиот тајкун Џек Ма загуби 26 милијарди долари откога властите во Кина уапсиле човек со слично презиме како неговото. Кинескиот гигант „Алибаба“, чиј основач е Ма, во вторникот забележа пад на акциите во Хонг Конг за 9,4 % откако кинеските државни медиуми објавија дека поединец по име Ма во градот Хангџоу, каде што е и седиштето на компанијата, бил приведен поради загрозување на националната безбедност.
Според кинеската државна телевизија CCTV, осомничениот на 25 април бил приведен поради сомнеж дека соработувал со прекуокеанските антикинески непријателски сили и дека ги поттикнувал сецесијата и субверзијата на државните власти.
Извештајот бргу го презеле и другите државни медиуми и кинеските новински платформи, па тоа веднаш предизвика паника во продажбата во Хонг Конг бришејќи 26 милијарди долари од пазарната вредност на компанијата на Ма, „Алибаба“, за само неколку минути.
Поранешниот главен уредник на државниот таблоид Global Times, Ху Ксијин, побрза на кинеската платформа „Веибо“ да го објасни случајот. Тој рече дека името на осомничениот имало три знаци, а на вистинскиот Ма е со два. CCTV подоцна тивко го ажурира својот оригинален извештај за да одговара со процената на Ксијин.
За дополнително да се тргнат сите сомнежи, Global Times објави и дека обвинетиот бил роден во 1985 година во Венџоу, а Џек Ма е роден во 1964 година во Хангџоу и дека тој работел како директор за истражувања и развој на хардверите во ИТ-компанија.
Неговата компанија „Алибаба“ подоцна до крајот на денот го надополни поголемиот дел од загубите. Реакцијата на пазарот е најновиот знак за тоа како нетрпеливите инвеститори го надминуваат кинескиот технолошки сектор, кој беше цел на жесток регулаторен шок од страна на кинеската влада на крајот на 2020 година. Лудилото што се случи на пазарот во вторникот покажува дека довербата на инвеститорите останала нестабилна.
„Мислев дека ова е некоја чудна епизода“, рече Виктор Ши, професор по политички науки на Калифорнискиот универзитет во Сан Диего.
„Дали тоа беше еден вид предупредување во технолошкиот сектор во целина или можеби беше предупредување за Џек Ма лично? Никој не може да знае. Но, сигурно покажа дека владата не мора дури ни да уапси некој висок технолошки директор за да избрише десетина милијарди долари од пазарната процена на компанијата. Само треба да објави некаква информација за него“, додаде Ши.
„Тоа е прилично моќно. И, секако, тоа е она што се случи и тоа е јасна илустрација на таа моќ, без разлика дали станува збор за вистина или не“, додаде тој.
Но, фактот што инвеститорите толку бргу поверуваа дека Џек Ма, некогаш најистакнатиот кинески милијардер, ќе се судри со државната безбедност, открива нешто за политичката реалност во која сега живеат многу кинески тајкуни.
„Веќе не е важно дали станува збор за него. Важно е дека многу луѓе помислија дека е тој, а и многумина очекуваат да станува збор за него“, напиша еден коментатор на „Веибо“, кој привлече 57.000 лајка.
Пресвртот на јавното расположение против Ма е речиси исто толку спектакуларно како и приказната за неговото богатство. До пред речиси три години, професорот по англиски јазик, кој стана милијардер, беше многу обожаван поради неговата харизма, отвореност и успех, а некои обожаватели дури и го нарекуваа тато.
Како технолошките компании како „Алибаба“ ги проширија своите деловни империи, тие станаа цел на растечка фрустрација и незадоволство кај младите кинески работници, кои се уморни од долги работни часови, висок притисок и стагнација на платите.
Џек Ма ја поддржува работната култура на таканаречениот 996 во Кина, што значи работа од 9 до 21 часот, шест дена во неделата, но исто така таа предизвика остри критики во 2019 година.
Бидејќи технолошките гиганти се цел на кинеската влада, злобните капиталисти сè повеќе се обвинуваат за разни социјални проблеми – од немилосрдната конкуренција, зголемените цени на недвижностите до недостиг на социјална мобилност.
„За само неколку години, тато Ма беше означен како гнил капиталист во јавното мислење и многу луѓе со нетрпение го очекуваат неговиот пад“, рече Ксијанг Донглијанг, блогер од Вичит.
„Но, прашањето е дали неговото уривање и уривањето на капиталистите и протерувањето на таканаречените странски сили навистина ќе им го подобрат животот на сите?“, јавно праша Донглијанг.
Џек Ма се повлече од јавниот живот откога регулаторите ја прекинаа IPO Ant Group во САД кон крајот на 2020 година. Тој не објавил ништо на „Веибо“, каде што има речиси 25 милиони следбеници од октомври 2020 година. Неговата последна објава на оваа кинеска платформа е средбата со 100-ина директори на училишта, каде што разговара за иднината на кинеското образование. Оваа средба беше преплавена со критички коментари.
„Нема да ме изненади ако еден ден завршиш во затвор. Ти си само обичен капиталист. Не се преправај дека си добра личност“, биле само некои од коментарите што ги добил.
Засега Ма се нема огласено по инцидентот во вторникот кога се случи загубата на милијардите долари на неговата компанија. На кинескиот интернет кружеа шпекулации против него, а хаштаговите за притворањето на осомничениот со исто име беа меѓу најпопуларните теми на „Веибо“.
Оваа тема привлече стотици милиони прегледи.
„Тој може само да молчи, што е посебен начин на постоење“, напиша колумнистот Џанг Фенг во еден напис за Вичет, кој беше широко споделен по инцидентот.
„Овој вид тишина, што го практикува Ма, е од длабоко значење. За јавна личност, неговиот говор сам по себе е продолжување на неговото постоење. Кога човекот повеќе не зборува, иако е сè уште жив и сè уште работи, дел од себе едноставно исчезнува“, рече Фенг.