Актерката Амбер Херд вчера за првпат сведочеше на судењето против Џони Деп и го опиша моментот кога првпат тој ја удрил. Таа рече дека имале нормален разговор кога наеднаш тој станал насилен и ѝ удрил шлаканица.
„Седевме на каучот и разговаравме. Имавме нормална конверзација. Немаше тепање, ни кавга, ништо, а тој пиеше“, рече Амбер потенцирајќи дека во тоа време Деп консумирал кокаин од тегла.
Таа рече дека го прашала за тетоважата која ја имал, а тој ѝ одговорил дека му е посветена на алкохолот.
„Тоа беше клучниот момент. Јас почнав да се смеам, затоа што мислев дека се шегува, а тој ме удри и ме нарече кучка“, рече Амбер и објасни дека по третиот удар, таа изгубила рамнотежа и паднала.
„Одеднаш сфатив дека ми се случи најлошата работа која може да му се случи некому. Толку сакав да ми каже дека се шегува, затоа што не ме болеше и не ме повреди. Но, седев на неговиот тепих прашувајќи се како завршив тука и зошто никогаш порано не забележав дека е толку валкан“, рече Амбер.
Таа објасни дека не знаела како да реагира и дека не сакала тој момент да им ја обележи врската со Деп, со кого се омажила во 2015 година. Двајцата се разделија следната година.
„Знаев дека по тоа нема враќање. Не сум глупава. Знам дека никој не смее да удри жена. Ни маж. Никогаш. Знаев дека треба да го оставам и дека тоа е она што ми го скрши срцето, затоа што го сакав“, рече Херд и додаде дека кога тргнала кон вратата Деп почнал да плаче.
„Никогаш не сум видела возрасен маж да плаче. Дури ни неговиот татко не плачеше на погребот на баба му. А тој плачеше. Чудно е. Падна на колена, ме фати за рака и ми рече ‘Никогаш повеќе нема да го направам тоа, жал ми е душо’. Мислев дека повеќе нема да го видам тоа чудовиште“, рече Херд.
Таа понатаму додаде дека моментот кога изгледала толку глупаво и безначајно ѝ го променил животот, пренесе „Инсајдер“.