Јубилејот 20 години постоење ДНК почнаа да го слават викендов со одличен концерт на Виноскоп во Скопје.
Андреј и Панчо во живо ги испеаја своите најголеми хитови пред неколку стотици луѓе. Во првите редови беа најмногу средношколците кои ја обожаваат нивната музика. Од почеток до крај тие заедно со ДНК ги пееја „Полна месечина“, „Срце“, „Кажано е се“. Играа, се забавуваа, а повеќето снимаа и видеа за инстаграм и тик-ток.
Се пиеше добро вино, имаше и мезе, па на концертот се забавуваа и ДНК на сцената ама и бројната публика на плоштадот Македонија. Андреј и Панчо ветија дека ќе направат уште подобра журка пред крај на годината, кога ќе ја заокружат својата роденденска турнеја со голем концерт во арената „Борис Трајковски“.
На крај, публиката ги испрати со аплауз, а имаше и такви кои почекаа Панчо и Андреј да се симнат од сцената за да се сликаат со нив.