Божиновска: Нови енергетски врски со соседите за посигурно снабдување на Македонија

Македонија работи на нови енергетски врски со соседните земји со цел да ја намали зависноста од еден правец за снабдување со природен гас и да обезбеди поголема сигурност за граѓаните и стопанството. Ова го порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на Седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава.

На панелот посветен на европската енергетска безбедност, Божиновска истакна дека земјава три децении зависела од само еден правец за снабдување со природен гас. Според неа, новите поврзувања треба да овозможат поголем избор на извори и правци за снабдување.

„Енергетската безбедност не може да се гради изолирано, потребни се нови поврзувања, алтернативи и силна регионална соработка“, истакна министерката.

Божиновска посочи дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција напредува, а се работи и на гасното поврзување со Србија и на електроенергетскиот интерконектор со Албанија.

Како дополнителен чекор за посигурно снабдување го наведе и повторното ставање во функција на продуктоводот со Грција по 12 години.

Заштита на енергетската инфраструктура

Министерката на панелот зборуваше и за потребата од заштита на критичната енергетска инфраструктура. Според неа, при планирањето на новите капацитети треба да се земат предвид сајбербезбедноста, заштитата од закани со дронови и обезбедувањето резервни системи.

Во разговорите биле посочени и долгите рокови за набавка на енергетска опрема, кои можат да влијаат врз динамиката на реализација на новите проекти.

Божиновска порача дека државата треба да обезбеди јасни правила за инвеститорите и да ја заштити инфраструктурата од која зависат граѓаните и стопанството.

Scroll to Top