Ангелина Булеска, единствена во Македонија која тренира гимнастика на коњ: Ова е спорт кој бара да заборавиш на стравот

Ангелина Булеска е единствената која во нашата држава и на Балканот се занимава со гимнастика на коњ или волтажирање. Таа има 13 години и досега е добитничка на бронза и злато на меѓународни натпревари. Таа прв пат ја претставуваше Македонија на меѓународниот натпревар ЦВИ Гроте – Брогел во Пеер, Белгија каде го освои 11 место.

Ангелина љубовта кон коњите ја има уште од многу мала, како што вели благодарение на чичко Пауло пријател на нејзините родители кој чувал коњи. Постојаната дружба со овие елегантни животни било пресудно да почне да се занимава со гимнастика на коњ.

„ Пауло ми ги покажа основните вежби во волтажирањето. По одреден период тој го препозна мојот талент и редовно имав часови по волтажирање. Кога дојдов до ниво кога не можам да напредувам го пронајдовме клубот во Холандија каде продолжив со тренирањето. Во Македонија тренирам гимнастика со мојот тренер Сања Влаисављевиќ“, раскажува Булеска за Репортер.

За да се бави со овој спорт потребна е и добра кондиција, а таа ја одржува со тренирање гимнастика. На тренинзите  прави вежби за сила и растегнување, кои дополнително и помагаат да ги совлада техниките.

Од првиот меѓународен натпревар во Белгија не се врати со злато, но со повеќе искуство и подобар резултат од претходниот.

„Во Белгија беше мојот прв меѓународен натпревар каде за прв пат ја претставив и Македонија. Целта беше да се здобијам со искуство од натпревари од повисок ранг. Бидејќи влегов во повисока категорија и имав мал број тренинзи најважно беше да се запознаам со мојата конкуренција и да ги совладам вежбите во новата категорија. Го освоив 11-тото место, но за мојот тренер беше важно што освоив подобар резултат од натпреварот во март, во Астен, Холандија. По овој настап мојот тренер може да ги планира следните мои настапи на националните првенства во Холандија и кога ќе биде мојот следен меѓународен натпревар“, вели Ангелина Булеска.

За овој спорт како што вели таа важно е да знаеш да работиш со коњи, но и да не се плашиш од нив.

„Волтажерот е тој што се качува на коњ и изведува гимнастички елементи, тренерот е тој што го обучува волтажерот и е присутен на тренинзи, а лонжерот е тој што го држи коњот на јаже додека вежба волтажерот. Јас имам среќа што мојот тренер Мета Јанс е во исто време мој лонжер“, вели Булеска.

Ангелина досега немала посериозни повреди при тренирање, освен мали повреди како модрици или свтикан лигамен, вообичаени повреди за овој спорт, вели таа.

Волтажирањето како спорт не е застапен Македонија, па оние кои сакаат да го тренираат и научат ќе мора тоа да го прават надвор од земјава.

„Иако волтажитањето го нема во Македонија за мене најголема поддршка се моите родители кои ми овозможуваат да патуваме редовно во Холандија каде тренирам, потоа мојот тренер Мета од клубот De Wittegheit и Сања мојот тренер по гимнастика“, вели Ангелина.

Првата награда што ја освила било бронза на нејзиниот прв настап во јули 2019 година во Groot -Ammers , а потоа натпреварот во De Wittegheit, Odiliapeel каде освоила злато.

Габриела Додевска 

 

Scroll to Top