Ламбе Алабаковски пред роденден го крштеваше синот Димитриј

Пејачот Ламбе Алабаковски викендов правеше крштевка за синот Димитриј. Тој на 28 април ќе полни две години. Ламбе на Инстаграм објави семејна слика од крштевката и цитираше дел од Библијата.

Димитриј е помалиот син на Ламбе и Магдалена, кои го имаат и седумгодишниот Михаил. Двете деца на Ламбе се родени во Америка, каде што пејачот живееше долго време. Тој и неговата сопруга пред неколку месеци решија од Детроит да се вратат во Битола. Откако си дојдоа дома, Ламбе е постојано активен со настапи, а најави дека наскоро ќе сними и нова песна.

Ова ќе биде прва песна на Ламбе по десетина години, оти уште пред да се пресели во Америка, тој престана да се занимава со музика. Публиката го запозна преку музичкото шоу на М2, „Потрага по ѕвезда“, каде што победи, а негови најголеми хитови се „Море од солзи“, „Бело е сè“, „Кога сонце грее плачам“, „Врати ми го срцето“ и други.

 

Scroll to Top