Џенифер Лоренс откри непријатно искуство од снимање: „Неовластени луѓе ме гледале гола, морав жестоко да реагирам“

Холивудската актерка Џенифер Лоренс откри дека доживеала непријатна ситуација за време на снимање филм, кога дознала дека членови на филмската екипа кои немале дозвола присуствувале на снимањето на нејзините сцени со голотија. Оскаровката признала дека остро реагирала, не само за да ја заштити сопствената приватност, туку и за да испрати порака дека ваквото однесување не смее да се толерира во филмската индустрија.

Во гостувањето во популарниот подкаст „Call Her Daddy“, емитуван на 28 октомври, Лоренс отворено проговори за границите што мора да се почитуваат на филмските сетови, особено кога станува збор за интимни сцени.

„Имаше ситуација на снимање кога луѓе од екипата кои немаа одобрение да бидат присутни за време на моите сцени со голотија, сепак беа таму. Реагирав многу остро“, раскажа актерката.

Таа објасни дека нејзината реакција била прашање на принцип, бидејќи смета дека актерите, без оглед на нивната популарност и искуство, мора да имаат право да одлучуваат кој може да присуствува при снимањето на вакви сцени.

„Ако ние, на нивото на кое работиме денес, не поставиме јасни правила, тогаш што ќе се случи со некоја девојка од 18 години?“, праша Лоренс.

Актерката истакна дека младите девојки кои штотуку ја започнуваат својата кариера често се соочуваат со притисок да молчат за непријатните ситуации, плашејќи се дека ќе добијат репутација на тешки личности за соработка.

„Замислете млада актерка која доаѓа на снимање и гледа луѓе кои не би требало да бидат таму. Дали ќе се осмели да каже нешто и да ризикува да ја прогласат за проблематична или ќе дозволи луѓе пред кои не се чувствува пријатно да ја гледаат гола?“, објасни таа.

Токму затоа, како што нагласи, почувствувала одговорност да реагира и да им објасни на одговорните зошто таквата ситуација е неприфатлива.

Лоренс не открила за кој филм станува збор, ниту кога точно се случил инцидентот.

Нејзината прва филмска сцена со целосна голотија беше во шпионскиот трилер „Red Sparrow“ од 2018 година, во кој ја толкуваше улогата на Доминика Егорова, поранешна балерина која станува руска разузнавачка агентка.

Ова не е првпат актерката јавно да зборува за нарушувањето на приватноста. Во 2014 година таа беше една од жртвите на големиот хакерски скандал, кога нејзини приватни интимни фотографии беа украдени и објавени на интернет без нејзина согласност.

Во интервју за „The Hollywood Reporter“ во 2017 година, Лоренс го опиша тоа искуство како длабоко понижувачко и трауматично.

„Кога првпат дознав што се случува, ме контактираше мојот тим за безбедност. Сè се одвиваше од минута во минута. Беше речиси како уцена, бидејќи постојано објавуваа нови фотографии“, раскажа тогаш актерката.

Таа призна дека последиците од нарушувањето на нејзината приватност биле исклучително тешки за психолошко прифаќање.

Со најновото сведоштво, Лоренс повторно го отвори прашањето за заштитата на актерите за време на снимањето интимни сцени и за потребата од јасни професионални правила што ќе важат за сите, без оглед на нивната возраст, искуство или статус во Холивуд.

Нејзината порака е дека никој не треба да биде принуден да избира меѓу сопственото достоинство и професионалната кариера.

Scroll to Top