Пред 20 години на денешен ден женскиот ракометен клуб „Кометал Ѓорче Петров“ стана европски шампион, а со тоа предизвикаа национална радост кај сите навивачи на Кометал, но и сите љубители на ракометот како спорт.
На 19 мај 2002 година, во спортскиот центар под Кале, во женската Лига на шампиони Кометал го победи Херц и станаа европски шампиони. На плоштадот „Македонија“ во Скопје на тој 19 мај на голем видеобим натпреварот го следеа навивачи кои не успеаја да набават билет.
Златната генерација на Кометал Ѓорче Петров ја сочинуваа Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Олга Бујанова, Луминица Дину, Наталија Малахова, Андријана Будимир, Лариса Киселова, Анжела Платон, Милева Велкова, Мирјана Чупиќ, Оксана Плошчинска, Ана Андрјушенко, Ирина Калиниченко и Елена Златановска. Клубот беше спонзориран од Трифун Костовски, кој беше најзаслужен за создавањето на тимот.
Александар Митевски и Драган Спасов Дац со видео снимено во пандемиски услови нè потсетија на големиот хит „Кометал шампионе“.
„На денешен ден, 19 мај 2002 година, Кометал Ѓорче Петров стана европски шампион и златните девојки ни донесоа огромна радост. Македонија славеше. Во таа чест, пред 2 години во карантинот направивме и видео во кое ја испеавме со нив химната на клубот ‘Кометал шампионе’, која пред 20 години ја напиша Александар. Вклучени се и делови од видеоспотот што го направи ‘Томато продукција’“, напишаа Дац и Александар.