„Дип парпл“ растури во Скопје, светски концерт на рок-бендот кој за ќеф на публиката ја отсвири и „Јовано Јованке“

Легендарните „Дип парпл“ вчеравечер во Скопје направија светски концерт и ја воодушевија македонската публика кога ја отсвиреа „Јовано Јованке“. Никој од илјадниците фанови не остана рамнодушен на изненадувањето од британскиот рок-бенд. Пееја на цел глас, им аплаудираа, не престанаа со овациите.

Енергичниот Иан Гилан и „Парпл“ растурија во Скопје. Свиреа два часа и направија концерт кој уште долго ќе се раскажува, но покажаа и зошто се на светската сцена повеќе од 50 години.

А дека забавата ќе биде одлична најавија уште со првите песни. Почнаа тивко и ги навратија фановите на нивните почетоци. Кога малку ја загреаја атмосферата, за ќеф на публиката ја засвиреа „Јовано Јованке“ и ги кренаа сите на нозе. По ова почнаа да се редат нивните најголеми хитови, песните поради кои салата „Борис Трајковски“ беше преполна. Во публиката се споија генерациите, па иако повеќето беа фанови кои растеле со песните на Гилан и „Парпл“, имаше и млади кои и денес ги слушаат нивните безвременски хитови.

Вчеравечер Скопје звучеше светски, а публиката покажа дека по две години пандемија, е желна за големи концерти и добра забава. Тоа им го приредија „Дип парпл“ и организаторите „Авалон продукција“, кои на крајот ветија дека ова нема да е последен концерт на легендарните музичари во Македонија.

Редакција: Репортер

Scroll to Top