Откако Велика Британија побара испорачување на холивудскиот актер Кевин Спејси, по четирите обвиненија за сексуална злоупотреба, актерот преку својот портпарол, за емисијата „ Гуд морнинг Америка“ рече дека доброволно ќе се појави веднаш штом тоа биде возможно.
Тој рече дека е убеден дека може да докаже дека е невин и дека го цени тоа што државниот обвинител Росмери Аинсли ја потсетил јавноста дека има право на фер судење.
„Малку сум разочаран од нивната одлука за продолжение на процесот. Јас доброволно ќе се појавам во Велика Британија веднаш штом тоа ќе се овозможи и ќе се бранам од овие обвинувања. Убеден сум дека ќе успеам да ја докажам мојата невиност“, рече Спејси.
Минатата недела британското државно обвинителство објави дека ги одобрило обвиненијата против Спејси. Актерот е обвинет по четири точки за сексуален напад врз тројца мажи и за наведување на едно лице на полова активност без негова согласност.
Полицијата рече дека наводните напади се случиле во период меѓу март 2005 година и април 2013 година. Четири од нападите се случиле во главниот град, а еден во Глостершир. Тие се однесуваат на еден маж кој сега е во четириесеттите и двајца мажи кои се во триесеттите години.
Портпаролот на британското државно обвинителство рече дека Спејси ќе биде обвинет доколку биде уапсен во Англија или Велс. Информациите за обвинение следеа откако полицијата ги собра доказите во рамки на претходните истраги, кои започнаа во 2017 година.
„Многу го ценам соопштението на обвинителството во кое внимателно ги потсетува медиумите и јавноста дека имам право на фер судење и дека сум невин сè додека не се докаже спротивното“, рече Спејси, а пренесе „Гуд морнинг Америка“.