Капелите во Лас Вегас повеќе нема да го користат ликот на Елвис Присли за венчавките. Компанијата која управува со имотот на Присли, Аутентик брендс груп, испраќа писма до параклисите за венчавки во Лас Вегас во последните денови за да се запре нелиценцираната употреба на името на пејачот, пренесува „Гардијан“.
Според нив, тие испраќаат писма до капелите кои ја немаат потребната лиценца од компанијата која се грижи за имотот на Присли, додека продолжуваат да соработуваат со лиценцирани капели. На почетокот на мај тие испратија наредба да престане да се користи името на Елвис Присли во неколку капели, кои се очекува да го послушаат тоа барање. Меѓутоа, бидејќи Присли е толку тесно поврзан со индустријата за венчавки во Вегас, некои велат дека овој потег може да му наштети на бизнисот.
Во писмото, компанијата наведува дека ќе ја спречи неовластената употреба на „името, ликот, гласот на Присли и други симболи на личноста на пејачот во реклами, стоки и други работи“. Исто така, се наведува дека „Елвис“, „Елвис Присли“ и „Кралот на рокенролот“ се заштитени трговски марки. Меѓутоа, параклисите до кои е доставено писмото поради тоа може да претрпат големи материјални последици.
Според „Гардијан“, индустријата за венчавки во Вегас заработува две милијарди долари годишно, а официјалните лица велат дека свадбите на тема Елвис претставуваат значителен број церемонии.