Два светски магазина избраа иста креација од Златко Јовановски за нивните модни едиторијали

Уникатна креација од македонскиот моден дизајнер Златко Јовановски се најде во два светски магазини и тоа изданието на „Гламур“ за Бугарија и во „Индустри магазин“. Сликите од истата креација се фотографирани во Лос Анџелес, а црното боди со орнаменти во 3Д и кристали, е изнајмено од шоурумот кој го застапува Златко во Холивуд.

„Бидејќи се работи за светски магазин со интернационална франжиза, сликањето било во Лос Анџелес, како и целиот тим кој работел на фотосесијата. Интересно е што истата креација ја забележале и други стилисти за потребите за фотосесија во ‘Индустри магазин’, што се издава во Америка“, вели Златко, кој во јавноста е познат како ЈЗЈ.

Тој во разговорот ни кажа дека е среќен што за кратко време неговата креација се нашла на страниците на две различни списанија.

„Изненаден сум како една моја креација може да изгледа сосем различно на два различни проекти, амбиенти и сликана од два различни фотографи. Но, и во двата случаи подеднакво воодушевува. И во двата тима, на двете фотосесии работеле големи професионалци коишто имаат работено со големи брендови. Мило ми е што имаа пофални зборови за мојата работа“, ни кажа Јовановски.

Дизајнерот за „Репортер“ откри и дека истата оваа креација пред повеќе од една година се најде во моден едиторијал на списанието „Космополитан“ во издание за Романија.

А.Ј.

Scroll to Top