Ученици од средното стручно училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, направија систем за собирање на дождовница со која потоа го наводнуваат школскиот двор.
Нивната цел е водата повторно да се претвори во обновлив ресурс, а со тоа нерационалното користење на питката вода да биде доведено до минимум.
Идејата на Вања, Мартин, Маја и Петар е една од 5-те наградени во рамки на програмата UPSHIFT која се темели на решавање на предизвици за климатските промени и заштита на животната средина. Програмата е реализирана од страна на Здружението LEAD, и со поддршка на UNCIEF, ФИТР и Шведска. Иновацијата претставува цел еден систем, кој што ја собира дождовницата преку олуците во посебен резервоар, на кој е поставен вентил, а водата од таму се црпи со потопна пумпа или хидрофор. Потоа преку цевки водата стигнува до прскалките кои се поставени во школскиот дворот, за наводнување на тревата и цвеќињата. Резервоарот е предвидено да собере околу 200 литри вода.
Кога излегол конкурсот на тема „Вода“, Вања, Мартин, Маја и Петар со помош на професорите започнале истражување на оваа тема при што дошле до заклучок дека има нерационално искористување на водата за пиење. Само 2% од питката вода се користи за пиење и храна, останатите проценти се користат за перење коли, полнење базени и наводнување на дворови.
Нивната првата идеја била да ископаат бунар за да најдат вода, но тоа не се покажало како исплатливо, па затоа се пријавиле со нивната втора идеја, систем за искористување на дождовницата. На оваа идеја да дојде до реализација и претходело истражување за тоа колку дожд врне на еден метар кубен во Скопје за да може да се види колку вода може да се собере и дали е возможна реализација на проектот. Заклучокот е дека Скопје е место кое е подложно на дожд, каде во текот на годината има околу 600 мм кубни дожд во годината.
Г. Додевска