Пејачот Влатко Лозаноски сними нова песна „Ме нервираш“ и ја промовира на својот роденден. Лазар Цветкоски ги направи музиката и аранжманот, а текстот е на Магдалена (Ена) Цветкоска. Лозано сними и видео со згодни девојки и забава покрај базен, а главната улога во спотот ја има манекенката Ана Марија Јанковиќ.
„Со нетрпение го чекав овој ден за да ја објавиме мојата најнова песна. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека ова ми е една од подрагите песни и мислам дека ја споделуваме со публиката во вистинско време“, рече Лозано.
Ова е втора песна што Лозано ја промовира за кратко време. Тој пред два месеца ја објави „После полноќ“, а веќе се подготвува за снимање уште еден спот и нова песна. Летово Влатко и неговиот бенд настапуваат во повеќе градови низ Македонија, а следните концерти се закажани во Скопје, Тетово и во Битола.