Илина Арсова се сретна со Џил Бајден во Вашингтон: Зборував за поместување на границите во планинарските спортови

Алпинистката Илина Арсова се врати од Вашингтон, каде што имаше можност да се сретне со првата дама на САД, Џил Бајден, на 10-годишнината од Глобалната спортска менторска програма и 50-годишнината од федералниот закон за човековите права – Title IX.

На настанот присутвувале 40 девојки од целиот свет, а на завршната свеченост со свои говори се обратила и првата дама на САД, д-р Џил Бајден, како и тениската легенда на САД со 39 гранд слем титули – Били Џин Кинг, која и самата била борец во донесувањето на законот Title IX.

„За мене лично, оваа година беше исклучително важна, како прво, бидејќи сум дел од самото основање на програмата во 2012 година по иницијатива на тогашната државна секретарка Хилари Клинтон, со која и лично имав чест да се запознаам. Програмата се изведува во партнерство со најголемите спортски компании од САД, а имплементирана од страна на Центарот за спорт, мир и општество при Универзитетот на Тенеси под менторство на д-р Сара Хилиер, директорка на Центарот“, раскажа Илина.

Таа пред десет години го почна движењето за вклучување и зајакнување на жените преку спортот во Македонија, а оваа иницијатива беше широко прифатена, која сè уште се надградува.

„Мојот ангажман вклучуваше разни платформи за едукација и мотивација на младите и жените преку спорт, теренски активности, обуки на жени во планинарските спортови, многубројни медиумски излагања, мотивациски и едукативни конференции, ТВ-емисии, основање и поддршка на орагнизации со слични заложби и интензивно лобирање за подигање на свеста. Мојата задача како пример за жените и девојките во Македонија беше, меѓу другото, да ги поместам границите во планинарките спортови и да напишам историја како прва Македонка и меѓу 70 жени во светот што се искачила на Монт Еверест и на највисоките врвови на сите 7 континенти. Сите овие напори како адвокат за жените во спортот ја достигнаа својата кулминација токму годинава кога ја добив наградата ‘Европска жена на годината’ од делегацијата на ЕУ во нашата земја“, рече Илина.

Арсова рече дека последнава деценија ја заокружува со достигнување една животна мисија – искачување на седумте врва, дополнително шест светски врва над 6.000 метри висина, две публикувани авторски книги, 11 национални награди за спортско достигнување и особен придонес во промоција на нашата земја.

„На моите програми биле вклучени над 750 деца и млади, а уште илјадници други биле индиректно вклучени преку виртуелни програми и мултимедијални платформи. Мојот последен авторски документарен проект ‘Нејзината приказна’ беше прикажан на 25 интернационални филмски фестивали, каде што освои 5 награди“, рече Илина.





 

Scroll to Top