Илчо Димовски и Елена Дуровска оваа година се зетот и невестата на Галичката свадба која е спој на традиција и културно наследство. Илчо има 28, а Елена 24 години. Се запознале пред повеќе од три години, и двајцата имаат потекло од Западна Македонија.
Родителите на галичкиот зет се по потекло од Галичник и ова за него претставува гордост што во традиционална носија ќе биде младоженец.
„Јас имам галичко потекло од мајка и од татко. И двете баби ми се родени во Галичник. Едната баба е Чалоска, другата е Веноска, па и од таму потекнува мојата желба да бидам галички зет годинава. Секоја година летно време сум таму и немам пропуштено ниту една галичка свадба, а во последните десетина години се облекувам во носија и сум активен учесник на свадбата. Нема да имам никаков проблем околу адетите и носијата. Премногу горд и среќен сум што годинава со Елена сме зет и невеста на Галичката свадба“, рече Илчо Димовски.
Елена вели дека се чувствува привилегирано што оваа година ќе биде галичка невеста.
„И јас потекнувам од Западна Македонија од селото Битуше и многу ми е мило што ќе бидам галичка невеста. Чест и задоволство ми е и се чувствувам привилегирано“, рече Елена Дуровска.
Адетот кога невестата го гледа зетот низ прстен и ги кажува зборовите „низ прстен да те гледам, во срце да ти влезам“, за Елена е еден од најдрагите.
Илчо и Елена живеат во Скопје. Покрај Галичката свадба во традиционална носија и со адети, тие во септември ќе прават класична свадба во ресторан во Скопје.
Оваа година на Галичката свдба покрај Илчо и Елена во црквата „Свети Апостол Павле“ во ист ден ќе се венчанаат и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски на 28 -ми август.
Програмата за Галичка свадба започнува вечерта на 15 јули, со јубилеен концерт посветен на великанот на македонската народна песна Александар Сариевски кој потекнува од Галичник и кому годинава му се навршуваат 100 години од неговото раѓање и 20 години од неговата смрт.
Во музичкиот дел од програмата ќе пеат Наум Петрески и Благоја Грујовски, и ќерката на Сариевски, Елена Јовановиќ.
Активностите околу свадбата традиционално започнуваат во сабота на 16 јули, со поставување на свадбениот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. А потоа следуваат свадбените ритуали „пречек на топаните“, кои два дена ќе ги веселат сватовите и гостите, свекрвата ќе го одигра свекрвиното оро, а членовите на „Фолклорни бисери“ од Скопје ќе го одиграат орото „Тешкото“ – симболот на свадбите и на веселбите, на испраќањето и пречекувањето на печалбарите. На платото пред чешмата Упија ќе бидат одиграни невестинското, манукот и други ора.
Венчавката на младенците ќе биде во недела, 17 јули во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.