Откако ги запали вратата на бугарскиот клуб во Битола и францускиот предлог на протест пред Владата, Ламбе Алабаковски на голема врата се враќа на музичката сцена. Тој има нова песна, „На чекор од брегот“, која ја работеше со Александар Тарабунов, Димитар Андоновски и Зоран Стојковски – Зонде, а сними и спот за песната.
Ова е прва песна на Ламбе по седум години, кој се прослави со М2 потрага по ѕвезди пред 17 години. Иако имаше успешна кариера се пресели во САД, каде што живееше неколку години со сопругата Магдалена и синовите. Тој на почетокот на годината се врати во Македонија. Оттогаш имаше неколку настапи во познати клубови и кафулиња низ Македонија.
Сепак, Ламбе се најде среде скандали, откако ја запали влезната врата на бугарскиот клуб во Битола, по што беше приведен и помина седум дена во домашен притвор. Откако му заврши притворот, тој имаше прв настап на плоштадот на општина Автокоманда во Скопје, каде што го пречекаа со подароци со македонски симболи и знамиња. Ја пееше македонската химна на протест пред Владата и го запали францускиот предлог, а пееше и на „Балкан гала“ во Битола минатиот викенд. На 16 јули во Прилеп е најавен неговиот концерт на Пивофест.