Група граѓани покренаа петиција во која бараат делот на кејот на реката Вардар, каде треба да се гради сообраќаен мост, кој ќе ги поврзе Карпош и Бардовци, да остане прооден.
Петицијата ја покренаа од Здружението за трчање, пливање, велосипедизам, дуатлон и триатлон 091РАНКРУ Скопје. Сметаат дека изградбата на овој мост, ќе предизвика затворање на кејот на подолг период. Понудија и решение со кое патеката на кејот ќе може да остане проодна.
„’НЕ’ за целосно затворање на Кејот. Градскиот кеј и неговите патеки се главно место за рекреација на голем дел од луѓето кои живеат во Скопје. Трчање, возење велосипед, пешачење, одење на работа со велосипед и тротинет се само дел од секојдневните активности на повеќе илјади луѓе на ова наше драго место. Во населбата Карпош, на потегот кај Карпата започнува изградба на сообраќаен мост кој ќе ги поврзува двете страни на реката Вардар и кој ќе претставува брза врска помеѓу Карпош, на една страна и Бардовци и Злокуќани на друга. Здружението за трчање, пливање, велосипедизам, дуатлон и триатлон 091РАНКРУ Скопје, во целост ја подржува иницијативата за изградба на овој мост. Сепак, целосно затворање на кејот ќе нѐ спречи сите нас да ги извршуваме нашите секојдневни активност на подолг временси период, период од неколку години. Ние, како здружение на кое едни од главните цели му се промоција и развој на трчањето, активација на своите членови како и сите граѓани, а особено младите за активен спортски живот, сакаме да понудиме решение каде и покрај градежна зона, Кејот во целост нема да не биде затворен и ќе функционира. Предлог решението е да се постави заштитен тунел од проодни контенери во должина од 200m, од едната до другата заштитна ограда, која веќе е поставена на патеката. Ова решение за заштита на градилишта се практикува насекаде во светот и е доста практично и безбедно. Ги повикуваме сите граѓани кои ја поддржуваат оваа идеа, да ја пополнат оваа петиција. По завршување на процесот, петицијата ќе биде доставена до Градоначалничката и Советот на Град Скопје.
Петицијата можете да ја пополните на следниот линк: https://chng.it/Nx2b8mjZ