Откако Вил Смит објави видео во кое му се извини на Крис Рок за шлаканицата на Оскарите, актерот и комичар рече дека тоа го направил затоа што сакал да глуми жртва.
Рок го спореди Смит со извршниот директор на Death Row Records и рапер Суџ Најт кој во моментов се наоѓа во затвор. Најт во моментов одлежува казна затвор откако во 2015 година со автомобил прегази и усмрти човек, пренесе Page Six.
„Сите се обидуваат да изигруваат жртви“, рече Рок во петокот вечерта за време на настапот во Атланта.
„Ако сите тврдат дека се жртви, тогаш никој нема да ги слушне вистинските жртви. Дури и мене кога ме удри Суџ Смит. Утредента отидов на работа, ги собрав децата. Секој кој вели дека зборовите болат, никогаш не добил удар во лице“, додаде Рок.
Комичарот во моментов го претставува новиот материјал за стенд ап, во рамки на неговата светска турнеја Ego Death. Исто така ја допре и темата од неодамнешниот настап во Њу Џерси и Њујорк на кој настапи и Кевин Харт.
Смит во последното видео во кое му се извини на Рок, откри дека комичарот одбил да разговара со него по моментот на Оскарите.
„Му се обратив на Крис, а тој ми врати со порака велејќи дека не е подготвен за разговор, но, кога ќе биде, ќе ми се јави“, рече Смит во видеото на „Јутјуб“.
„Ти се извинувам Крис. Моето однесување беше неприфатливо и тука сум кога и да си подготвен за разговор“, рече Смит.