(Видео) Гореше на „Охрид колинг“: Експлозија од адреналин, соблечена публика и светски диџеи

Ладно пиво, соблечена публика, пеење во еден глас, играње на музика до утро – вака приближно изгледаше атмосферата на „Охрид колинг“. Топ журки на кои буквално сè гореше е општиот впечаток за забавите во Охрид.

Трите дена од спектаклот со најголемите светски и домашни имиња од диџеј сцената направија градот да се претвори во најдоброто место за ноќен живот и ова лето.

Илјадници посетители овие три дена ги поминаа со најголемите хитови на Lost Frequencies, VINI VICI и W&W.

Првата вечер Lost Frequencies направи кулминација со последниот хит Where Are You Now. Публиката падна во „транс“ по одличните вибрации од сцената.

Ништо поразлично, но со многу појака забава беше на втората вечер, кога хедлајнери беа VINI VICI. По вторпат се во Охрид, на „Охрид колинг“. Бројот на присутни докажа дека им требало повторување на журката од пред три години, па затоа и беше чудно што се случи експлозија од адреналин.

Иако третата вечер беше пред работен ден (понеделник), публиката не се откажа од журкање. Од дуото W&W, присутен беше само едниот диџеј, ама не се ни забележа дека фали. Хитови стари и по 30 години, но и најголемите хитови во моментов, измиксани, буквално направија сцената да гори.

„Авалон“ продукција, организатори на „Охрид колинг“, кои ги носат светските артисти во Македонија и оваа година за добрата журка придонесоа со одличните светлосни ефекти, пиротехнички моменти и организација.

Не беа заборавени ниту домашните артисти, како Delovski, дуото Cyrillic, Nicholas Adams.

Вечерва на „Охрид колинг“ се враќаат „Djs from Mars“ кој пред две години беа хедлајнери и направија журка која уште се памети. А сите го очекуваат Timmy Trumpet, кој е меѓу топ 10 диџеи за 2022 година, притоа, за првпат настапува на Балканот.

Кристијан Ландов 

Scroll to Top