Имавме најубава свадба оти јас ѝ свирев, а таа пееше: Мими и Филип Нуневски

Мими и Филип Нуневски минатата недела правеа свадба за која наголемо се зборуваше оти не само што беше весела туку и невестата пееше, а младоженецот свиреше. Јавноста ги запозна Мими како ѕвезда на „Гранд“, а Филип како трубач на познатиот бенд „Нуне брадрас“. Сè уште под емоции од свадбената веселба,велат: „Тоа беше посебен момент. Мими од една страна со микрофонот, јас со трубата од другата страна. Така ја почнавме свадбата, пеевме наша авторска песна. Беше прекрасно“.

Тие заедно живеат две години. Затоа и немало адети да се зема невестата од дома.

„Мими е од Велес, ама ние живееме заедно. Сакавме наједноставно за сите да направиме оти на Мими родителите живеат во Шведска. Па, така, немаше земање невеста, таа си беше дома и си ги чекаше гостите. Сите се собравме фамилијарно и беше најубаво за сите. Интересно е што ние деновите пред свадбата имавме настапи, па нашата беше само во редот на сите оние на кои настапуваме“, се шегуваат Мими и Филип.

Мими публиката ја запозна по настапите во „Гранд“. Немаше настап, а да не го фрли на нозе жирито, особено кога пееше песна од Уснија Реџепова.

„Мајка ми ме пријави на ‘Гранд’. Тоа шоу секако дека ми ги отвори вратите. Искрена да бидам, сите ги ценам, но од Марија Шерифовиќ најмногу ми значеа поените“, вели Мими за „Репортер“.

Филип потекнува од музичко семејство. Од мал свири труба поради која денес е дел од бендот „Нуне брадрас“. Дома им било секогаш весело оти цели денови се свирело на труба, вклучувајќи го и нивниот татко, кој е музичар. „Нуне брадарс“ свиреше со оркестарот на Есма, а и последните песни пред да почине ги сними со нив.

„Есма беше жена што секаде ја ценеа во светот, само тука, за жал, не“, вели Нуне.

За почетоците со музиката и зошто трубата е најтежок дувачки инструмент, дознавме преку разговорот. За љубовта на Мими и Филип, популарноста во „Гранд“, дружбата со Есма, колку во бракот си ги откриваат маните и како е да се пее со жена колешка, гледајте го интервјуто.

Александра Георгиев

Scroll to Top