Влатко Деловски, Владимир Ѓоргиевски и Саша Грбиќ од Битола, членови на спортско качувачкиот клуб „Вертикал – Битола“, се првите кои ја искачија насоката Касин на Пиз Бадиле врв висок 3,308 метри, кој се наоѓа на границата меѓу Швајцарија и Италија.
„Од почетокот на алпинизмот и качувањето во Битола (20 ти век) до денес, ова е прва успешна акција и качување на оваа насока од битолски клуб, што експедицијата ја сместува меѓу најуспешните алпинистички остварувања во градот воопшто. Искрено, тоа нам многу не радува, а се надевам и дека битолчани ќе бидат горди на овој наш подвиг, оти воедно е и подвиг и поттик за алпинизмот во Битола“, напиша Влатко Деловски на социјалните мрежи.
Тие опишуваат дека спиеле на бивакот на врвот, а наредниот ден со неколку абзели се спуштиле по јужната италијанска страна до домот Gianetti. Од домот уште 2.5 часа планинарење до San Martino (Италија). Од таму со такси до Bondo (Швајцарија) каде што им била колата.
„Планинарење од Бондо до домот Sasc Fura (швајцарска страна), потоа пристапот до под насоката, качување на насоката, алпска наврска на дел од северниот гребен до врвот Piz Badile, абзелување/спуштањето на италијанска стана до домот Gianetti и накрај планинарење до San Martino (Италија) ни зеде околу 28 часа активно качување, алпска наврска и планинарење“, раскажува Деловски.
Фото: Фејсбук Влатко Деловски