Линда Евангелиста насмеана на насловната на „Вог“ по козметичката процедура што ја деформираше: Знам колку вредам

Поранешниот топ-модел Линда Евангелиста се сликаше за насловната страница на британското издание на магазинот „Вог“. Ова е нејзина прва насловна по скоро десет години, оти се повлече од јавноста поради козметичките процедури кои ѝ го деформираа лицето. Кожата ѝ е затегната со еластични ленти и селотејп, а таа повторно изгледа како во деновите кога беше на врвот на светската модна сцена.

Во интервјуто за „Вог“, Евангелиста зборува за својата борба повторно да се засака себеси, оти козметичката процедура ја оставила „трајно изобличена и брутално унаказена“.

Познатата 57-годишна манекенка и фотомодел се криеше во последните шест години откако имаше ретка реакција на третманот CoolSculpting кој требаше да ги намали нејзините масни клетки. Но, наместо тоа, масните клетки се зголемиле. Евангелиста потоа направила две липосукции за да се обиде да го реши проблемот. Во февруари таа најави дека повеќе нема да живее со криење.

„Таа неодамна се врати на манекенството и изгледа фантастично на насловната страница на најновото британско издание на магазинот ‘Вог’“, напиша „Дејли мејл“.

Евангелиста призна дека нејзината вилица и врат не изгледаат така во реалниот живот, туку дека шминкерот користел селотејп и еластички ленти за да ѝ го затегнат лицето, а кои ги прекрила со шалови и капи. Таа вели дека се труди да се сака себеси откако станала депресивна по неочекуваната реакција на третманите, и дека користењето на лентата за сликањето ѝ помогнало да се чувствува самоуверено додека повторно го прави она што најмногу го сака.

„Знам колку вредам, иако од почеток учам да го сакам мојот лик во огледалото“, рекла манекенката.

Во 90-тите Линда беше еден од најпознатите супермодели, се сликаше за насловните страници на најпознатите светски магазини, а работеше и ревии за модните куќи „Шанел“, „Валентино“, „Долче и Габана“, Ралф Лорен, Џорџо Армани… Таа престана да работи во 2016 година, сè додека на Инстаграм не објави зошто одлучила да се повлече подалеку од очите на јавноста.

Евангелиста ја тужеше компанијата Zeltiq Aesthetics за 50 милиони долари за штетата што ја претрпе бидејќи по третманот CoolSculpting повеќе не беше во можност да работи со оглед на тоа што резултатите беа спротивни од оние од рекламирањето на третманот.

Scroll to Top